Превземете го говорот на Стевица Чарапиќ, Претседател на групацијата на Меѓународни Шпедитери– МИФА во PDF формат.
 
 
 
 
 
Поздравен говор на Стевица Чарапиќ, претседател на Групацијата на маѓународните шпедитери-МИФА при Стопанската комора на Македонија по повод 15-годишнината од основањето на Групацијата
 
Почитувани дами и господа,
Драги гости,
Почитувани шпедитери, стопанственици и претставници на средствата за јавно информирање,

ДОБРЕДОЈДОВТЕ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА 15-ГОДИШНИНАТА ОД ОСНОВАЊЕТО НА ГРУПАЦИЈАТА НА МЕЃУНАРОДНИТЕ ШПЕДИТЕРИ, ОРГАНИЗИРАНА ВО РАМКИТЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА.

Со чувство на особена чест и задоволство, во името на Асоцијацијата на мегународните шпедитерите на Република Македонија, сакам да ги поздравам сите присутни на денесната свеченост,

Почитувани.
Денес се собравме заеднички да ја одбележиме 15-годишнината од постоењето на Групацијата и накратко да се потсетиме за најзначајните моменти од нејзиното појавување, за нејзините корени и за нејзината улога во стопанскиот живот на Република Македонија.

Оваа, единствена од ваков вид, организациска форма на делување во Република Македонија, го носи епитетот на национална асоцијација на шпедитерската индустрија од земјата и со тој епитет е примена за рамноправен член во најголемата светска невладина организација од областа на шпедицијата и логистиката, позната под името ФИАТА.

Врз основа на член 26 од Правилникот за организацијата и начинот на работа на Здружението за сообраќај и врски, Собранието на Здружението за сообраќај и врски на седницата одржана на 10 фебруари 1993 година донесе Одлука за формирање на Групација на шпедиција, како потесна форма на поврзување и организирање на претпријатијата членки на Здружението од шпедитерската дејност.

Денес, кога го прославуваме 15-годишниот јубилеј од нејзиното основање, со гордост може да констатираме дека Групацијата за еден релативно краток временски период израсна во вистински претставник на шпедитерската индустрија во земјата, подигнувајќи го нејзиниот рејтинг и општествен третман на она ниво на кое што таа вистински го заслужува.

Иако од временски аспект Групацијата е млада организациона форма на делување, преку нејзините активности се постигнати значајни резултати, не само од интерес на дејноста што ја покрива, туку и од интерес и на пошироката стопанска заедница.

Уште на самиот почеток по основањето, нејзиното појавување беше поздравено од сите стопански субјекти коишто се бават со шпедитерска дејност, за да, со текот на времето, во вистинска светлина се потврди и оправданоста на активностите што таа ги правеше во насока на унапредување на одредени состојби во стопанскиот живот на шпедитерите.

Од самото свое формирање, Групацијата била и е дел од најзначајните промотори на активностите за унапредување на вкупните надворешно-трговските односи за олеснување на меѓународниот транспорт и шпедиција и на отклонување на пречките што го попречуваат слободното движење на луѓето, стоките, капиталот и идеате во меѓународни рамки, борејки се пред се со најголемиот непријател на денешнината наречен “административна инертност“.

Во изминатите години шпедитерите кај нас работеа под силно влијание на крупните промени на општествено-политички и на стопански план, што резултираше со варирање на бројот на активните стопански субјекти кои вршат шпедитерска дејност.

Во целиот изминат период Групацитата својата активност претежно ја остваруваше преку седници и состаноци на органите и телата на нејзините членки, како и преку значајни средби и состаноци со владини и невладини органи и институции во земјата и странство.

Основните активностите беа насочени, пред се, кон подобрување на соработката со царинските и инспекциските органи, а перманентно беше присутен и процесот на подобрување на внатрешната организираност на шпедитерите, согласно потребите на пазарот.

Во бројните активности што асоцијацијата ги реализираше во изминатиов 15 годишен период, ќе се осврнеме само на некои од нив:
  • Одржани се 42 седници од страна на органите и телата на Групацијата, на коишто се донесувани значајни одлуки и заклучоци за шпедитерската дејност;
  • Уште во самиот почеток, Групацијата ги изготви и донесе Општите услови за работењето на меѓународните шпедитери,
  • Активно учествуваше на сите 8 досега одржани Балкански конгреси на шпедитерите, на кои претставниците на Групацијата со свое излагање имаа посебен настап по одредени теми, преку кои се упатувани пораки до надлежните државни органи на балканските насионални економии за перманентно подобрување на состојбите во меѓународниот транспорт и шпедиција;
  • Следејќи ги актуелностите и потребите што произлегуваат од новите законски прописи во областа на царинско-шпедитерското работење, Групацијата излезе во пресрет на барањата на шпедитерите преку организирање на обука за збогатување на нивното знаење со цел за полагање на испит за добивање лиценца за царинско посредување.
    По тој основ, во Скопје и во поголемите центри во Македонија, беа организирани 80 тричасовни предавања, со учество на 360 слушатели од 192 фирми.
  • Тргнувајќи од зацртаните основни цели и задачи, меѓу кои за достојно презентирање и заштита на интересите на своите членки и шпедитерската индустрија во целост пред надлежните органи и организации, од особено значење за шпедитерската дејност беше потпишувањето на Меморандумот за соработка и партнерство меѓу Групацијата на Меѓународните шпедитери и Царинската управа на Република Македонија и формирањето на Царинско-шпедитерски Комитет како оперативно тело за имплементирење на определбите од Меморандумот, со коишто се поставија темелите за поцврста и понепосредна меѓусебна соработка во насока на унапредување на вкупните односите во сферата на царинско-шпедитерското работење.
  • Со иста цел, потпишан е и Меморандум за соработка и партнерство со Државниот пазарен инспекторат, а во фаза на потпишување на документи за непосредна оперативна соработка и партнерство се активности и со Дирекцијата за храна и со Фитосанитарниот и Ветеринарниот Инспекторат.
  • Тежнејќи да се прикаже и наметне пред стопанската јавност како форма која ќе го применува институционалниот метод на делување, преку достојно почитување на законските прописи, со етичко и морално однесување на нејзините членки, Групацијата изготви и донесе посебен Кодекс на однесување, чие прифаќање претставува еден од основните услови за членство во нејзините редови.
  • За потребите на членките и за нивно пошироко анимирање, Групацијата има отворено сопствена интернет страница препознатлива под името www.mifa.org.mk
  • Организационата поставеност и делување на Стопанската комора на Македонија, овозможува самостојноста во делувањето на Групацијата перманентно да се негува и развива.
    Врз основа на таквите можности, во рамките на Комората се водат две посебни сметки за финансирање на активностите на Групацијата, чии средства можат да ги користат единствено членките врз основа на нивна одлука.
  • Функционалното делување на Групацијата е поставена и на научна основа со проширување на соработката со значајни научни институции во земјата.
    По тој основ, Проф. Д-р Александар Николовски е примен за почесен член на Управниот одбор на Групацијата, како еден од најзаслужните научни работници што имаат постигнато посебен придонес за развојот на шпедицијата во нашата земја.
  • Успешноста и правиот пат по којшто се движат активностите на Групацијата беа афирмирани и во меѓународни рамки и истите добија и соодветна меѓународна верификација. Потврда за тоа е довербата што и се даде да биде домаќин и организатор на 9-от Балкански конгрес на шпедитерите, што ќе се одржи во Охрид наредната година, на која се очекува учество не само од шпедитерски претставници од Балканските простори туку и од поширокиот Источно-европски регион.
    Во функција на координатор на активностите меѓу двата конгреси, во октомври минатата година, Групацијата беше домакин на состанокот на Координативниот одбор на балканските национални шпедитерски асоцијации, што беше во функција на подготовка за презентирање на отворените прашања и проблеми на Балканските шпедитерски асоцијации пред делегатите на Светскиот конгрес на ФИАТА, што се одржа во месец октомври, во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати,
  • Но активностите не зепираат тука. Групацијата перманентно е присутна при донесувањето на нови и изменувањето на постојните законски прописи во земјата, како и во унапредувањето на сопствените акти на работењето.
Врз основа на тоа, до надлежните органи се доставени голем број мислења, предлози, иницијативи или барања, се' во функција на олеснување на секојдневното работење на околу 300 активни и помалку активни членки.

Поздравувајќи ги напорите што државата ги прави за хармонизација на правната легислатива согласно онаа на ЕУ во функција на подобрување на вкупниот правен амбиент, на олеснување на административните процедури, во спречување на корупцијата, прекуграничниот криминал и бирократијата и во воспоставување дијалог меѓу индустријата и владината администрација, во името на сите присутни на денесниот собир дозволете ми да упатам јасна порака до државните институции за нивна поголема одговорност за креирање на поволна бизнис клима во државата, пристап кон воведување на поголема флексибилност во работењето, како и воспоставување и негување на вистински партнерски однос со сите деловни субјекти, избегнувајќи ја праксата на непотребно обременување на постапките при увоз и транзит на стоки во услови на спроведена административна гилотина.

Исто така, порака упатувам и до шпедитерите да бидат единствени и подолгорочни во заедничките напори и во намерите за подобрување на амбиентот на вкупното шпедитерско работење.

На крајот, поздравувајќи ги уште еднаш присутните на оваа свеченост, како препорака за натамошно јакнење на рејтингот и позициите на Групацијата, ќе се послужам со логото на Стопанската комора на Македонија кое гласи: “Дојдете Ве очекуваме - членството е моќ“.

Ви Благодарам на вниманието и Ви посакувам пријатно време,