 |
|
 |
Активности за поактивно инволвирање на железниците во отпремата на контејнерите од Пристаништето во Бар за Србија и Македонија
ВОВЕДУВАЊЕ МАРШУТЕН ВОЗ
На 2 септември 2008 година, во деловните простории на Дирекцијата за железнички превоз на Србија ќе се одржи работен состанокот на претставниците на железничките управи на Црна Гора, Македонија и Србија, на којшто ќе се дискутира за можноста за поактивно инволвирање на железниците во отпремата на контејнерите од Пристаништето во Бар за Србија и Македонија, преку воведување нова линија, односно маршутен воз, со прифатливо време на превоз до одредени дестинации.
Од македонска страна, на состанокот ќе присуствуваат Благоја Павловски, директор за товарен сообраќај на МЖ “Транспорт” АД - Скопје и Стевица Чарапиќ, претседател на Групацијата на меѓународните шпедитери и логистички оператори при Стопанската комора на Македонија.
Одржувањето на овој состанок беше иницирано за време на работната посета на македонска стопанска делегација на Пристаништето во Бар, реализирана во почетокот на месец јули оваа година, Што беше организирана од страна на стопанските комори на Македонија и Црна Гора, со цел непосредно запознавање на стопанствениците со можностите за поинтензивно користење на услугите на ова пристаниште. Тогаш беше договорено да се одржи заеднички состанок меѓу директорите на македонската, српската и црногорската железница, во термин што заеднички ќе го договорат. (М.М.)
|
|